Мендо и Мајло
На Прилеп и воопшто на македонската културна сцена, во деновите на олабавување на мерките за превенција и заштита од Ковид -19 и стремежот кон колективна имунизација, конечно ќе им се случи театар. Онаков каков што поодамна си посакуваат и чисто како потреба да се стивне нервозата од досегашната лимбо ситуација и принудноста да не се живее. Посебно на сцена. Да се ползи пред имитацијата на животот, на живуркањето, и да се сонува и довикува слободата на творење. Во театарот „Водан Чернодрински“ , оваа сабота, на 22 мај во 19 часот, премиерно ќе биде прикажана дуодрамата „Мендо и Мајло“од Мирјанка Р. Селчанец во режија на Игор Трпчески и во продукција на Театарска работилница. Играат актерите Трајче Иваноски – Пепио и Андон Јованоски – Аша.
За писателката Мирјанка Ристоска Селчанец ќе биде забележано дека во својата плодна творечка дејност има напишано 20 романи, четири стихозбирки, шест книги за деца, три монодрами и многу поеми и раскази.
Нејзините сограѓани знаат да кажат дека таа својот Прилеп го има најмногу задолжено со романите „Анка“, „Гена“ и „Маргарита“, кои ја сочинуваат трилогијата „Прилепчанки“ и се напишани на стар прилепски дијалект. Авторка е и на монодрамите „Камен на душата“, „Мактуб“, „Живи закопани“… а нејзините драмски текстови ги изведувале врвни македонски актерски имиња како Мите Грозданов, Сабина Ајрула Тозија, Снежана Стамеска, Шенка и Ѓорѓи Колозови… и други.

Трајче Иваноски – Пепио како Мендо
И, така полека доаѓаме до дуодрамата „Мендо и Мајло“ со чие отелотворување на сцена се зафати Игор Трпчески. Тој во своето режисерско обраќање за актуелниот проект на Театарска работилница – Прилеп ќе запише:
Текстот е социјална комедија за двајца повозрасни луѓе, кои по игра на случајот се нашле во притворската келија на затворот Шутка.
Мендо е обвинет за убиство на сопствената невенчана жена, која всушност починала во сон… Мајло е ром – дрвокрадец, кој истотака е обвинет за убиство. Го убил шумарот, кој несреќно загинал, откако неговата магарица Уснија, ја превртува колата со дрва
под кои и самата загинува, а Мајло е тешко повреден. Во ова време кога национализмот константно расте, а толерантноста опаѓа, важно е да разбереме, дека колку и предрасудите да се големи, на крајот, потребен ни е човек!

Андон Јованоски – Аша како Мајло во претставата
И, потем како уметник, актер и режисер, истакнува дека пред себе при подготовката на претставата имал дузина размисли и прашања, и згора силна потреба да одговори на нив.
Можеме ли да си замислиме…Како се чувствува возрасен човек без никакви средства за живот? Или како се чувствува човек кој немал друг избор освен да ја чува својата невенчана жена во фрижидер, само за да продолжи да ја добива нејзината пензија, која му е единствен приход? Како се чувствува невработен ром со пет деца, а невработената сопругата на свет треба да донесе и шестто дете? Можеме ли да си замислиме какво е чувството на невин човек во притворска келија под притисок на јавноста за тешки обвиненија за убиство со предумисла или убиство од користољубие?
Се разбира дека можеме да си замислиме или да претпоставиме, но во никој случај и да ЗНАЕМЕ, што точно се случува во нивните глави и за какви испомешани чувства, мисли и состојби на свеста станува збор, па дури и ние да сме го искусиле истото. Затоа што животот е подеднакво мил и на 20 и на 50 и на 80 години… Затоа што стравовите не исчезнуваат со годините, ни со искуството. Затоа што колку и да се предрасудите големи, кога е животот во прашање, никому не му е важно дали од спротива има ром, црнец, муслиман или атеист…
Единствено е важно препознаеш човек и тој да ти влее верба и надеж, вели Трпчески.

Режисерот Игор Трпчески
Тој и со дополна дека со поставувањето на оваа социјална дуодрама во ова време – без време како да сакал наново да ги извади дилемите на виделина и да си ги провери одговорите. Да ја измолкне сржта.
И затоа во ова време – без време, кога сите критериуми се на преиспитување, кога како за прв пат согледуваме што е навистина вредно и потребно во животот… Низ текот на оваа социјална дуодрама за Мендо и Мајло, преку жанрот на комедијата, како да се обидувам уште еднаш да ги поставам суштинските прашања и да ги разгледам и проверам одговорите. И како најважно ми останува прашањето… Може ли човек да живее со обвинувањата, па дури и да е невин? Како и констатацијата дека : Со чинот не завршува делото, туку со последиците кои од тој чин произлегуваат, смета Игор Трпчески.
Нему „Мендо и Мајло“ му е веќе седма независна и алтернативна претстава и таа доаѓа по нецела година од поставувањето на монодрамата „Лидија, или сѐ што знам за жените” работена по делото на Тихомир Јанчовски, а каде негови беа адаптацијата, режијата и сценската изведба.
Во актуелната претстава на Театарска работилница Прилеп зад која како покровител застана Министерството за култура, тонот и светлото се на Томе Темелкоски, за сцената и костимите била задолжена Бојана Артиновска Трпческа, за снимањето и монтажата биле ангажирани од ФАН Продукција, дизајнот на плакатот е на Анита Гајтаноска, а типографијата на Зоран Кардула.
Сонувачот, купувачот и уште нешто
„Сонувачот, купувачот и уште нешто“ е насловена претставата за деца чија премиера е закажана за в недела, на 12 февруари, во 11 часот, во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Станува збор за проект работен по истоимениот роман на Сузана Ѓорѓиевска, во адаптација и режија на Игор Трпчески и за соработка помеѓу Народниот театар „Војдан Чернодрински“, драмското студио „Чин 5 Сцена 4“ и Театарска работилница Прилеп.
По сообраќајно-едукативната „Оп-Стоп“ и „Приказна за војникот“ работена според текстот на францускиот автор Жарл Фердинанд Рами, инаку проекти на Театарска работилница Прилеп кои со успех беа прикажувани на неколку фестивали и освоија значајни признанија (како Гран при на ДАФ во Кочани, „Лица без маски“ во Скопје и Фестивал на драмските аматери од поранешна Југославија во Уб – Србија), актерот и режисер Игор Трпчески еве го со третата и прва професионална продукција. Тој овојпат на сцената на матичната куќа „Војдан Чернодриски“ во Прилеп, ја поставува адаптацијата на романот „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ од писателката Сузана Ѓорѓиевска.
Во пресрет на премиерната изведба, Трпчески истакнува дека „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ е излезена од печат во 2008 година и дека уште тогаш Ѓорѓиевска имала направена една адаптација како за драмска изведба. Дополнува дека романот е многу посоодветен за снимање на филм, но дека самиот дури сега се решил да се занимава со текстот затоа што во меѓувреме се создале техничко-технолошките услови за навраќање кон делото. Појаснува дека во него има многу малку дијалози, а многу повеќе и многу поубави описи.
„Јас ја направив адаптацијата од аспект на човек кој работи во театарот повеќе од 20 години и со многу повеќе драмски елементи. Ние имаме преку 35 етиди во претставата на околу 20 класични музички теми. Имаме парчиња од композициите на Моцарт, Чајковски, Мусогорски, Хаџитуријан, го имаме Равел. Имаме голем број на етиди, односно вежби, коишто го претставуваат животот во малото кадешто е нашиов главен јунак момчето Невен Илин кој си го продава сонот, не може да заспие и раката со која што ги зема парите му се здрвува и му станува „мраз-рака“. Целата приказна е околу неговото покајување“, вели режисерот.
Трпчески знае да каже дека на овој начин тие како тим сакаат да ја пренесат пораката што значи да се биде човек. Што значи да се греши и да се простуваваат грешките. Да се стане еден нов или подобар човек.
Тој истакнува дека во нивната приказна се засегнати и многу социјални теми, та дури дека одел до таму со интервенцијата што како потписник на драматизацијата за да го нагласи токму таквиот аспект „ја умрел“ мајка му на малиот Невен. Згора на тоа, како режисер, драматуршки и визуелно си поиграл со нашите стравови и срамови потполно свесен дека можеби првично нема да биде правилно разбран најнапред од дел од колегите, а потем и од присутната публика. Конечно, според него, иако се работи „за детска претстава“ оти за предлошка зел литература за деца, сепак ова е проект чија целна група се сите оние од 7 до 77 години.
„Треба да инсистираме на својот став и на своето мислење. Претставата е потпишана, па јас сум тој што треба да биде осуден како неморален во случајов или, не знам, неподобен етички. Но, јас мислам дека времево напротив треба да ги истисни тие норми и да не ослободи од стравовите отворено да го кажуваме нашиот став и нашето мислење“, вели режисерот.
Од друга страна, Игор Трпче не заборава да спомене дека во овие моменти го има тоа специфично претчувство дека претставата ќе биде многу забавна, дека многу ќе се гледа и многу ќе се игра.
„Неколку луѓе од колегиве и пријателиве наоколу дојдоа да ги видат пробите кои, рака на срце, беа во почетна фаза на нивниот развој каде што немавме ни музика дефинирано, ни кореографии, ни светло, ни видео проекции, а тие се забавуваа и беа изненадени од тоа како децата си најдоа свој свет. Односно си изградија свој свет во однос на она што авторката ни го понуди со „Сонувачот, купувачот и уште нешто“, а јас го стокмив на сцена. Се надевам дека претставата ќе има убава иднина и дека ќе ни отвори врати да се појавиме на повеќе фестивали и надвор од државава“, вели тој.
Во „Сонувачот, купувачот и уште нешто“, проектот на НУЦК „Марко Цепенков“, Народниот театар „Војдан Чернодрински“, драмското студио „Чин 5 Сцена 4“ и Театарска работилница Прилеп, играат професионалните актери Никола Ангеловски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илијески и Александар Тодески, со своите колеги аматери Сара Спиркоска, Надица Дојкоска, Елена Соколоска, Евгенија Јакимоска, Марио Велковски, Фиона Мирческа и Дамјан Макешоски.
Костимите се на Бојана Артиновска Трпческа, музиката на Томе Темелкоски, видеото го изработи Христијан Конески, а за 3Д-мапингот се погрижи Саша Нацевски.
Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“
Наспроти очекувањата интересот на публиката набрзо спласнал, потем биле повлечени и француските и бразилските изданија, но за чудо во тогашна Југославија, „Алан Форд“ доживеа голем успех и стана еден од најпопуларните стрипови на тие простори.
Приказната во стрипот ги следи авантурите на неколку тајни агенти од групата ТНТ чие седиште е во една њујоршка цвеќарница. Иако убавецот Алан Форд, кавгаџијата Боб Рок, Број 1 – прализираниот старец со долга брада и голем нос чие вистинско име и возраст никому не му се познати, Сер Оливер – англискиот аристократ со перфектни манири и лепливи прсти, пронаоѓачот и пилот Грунф и Дебелиот шеф…, генерално се неспособни и мрзеливи, сепак кога станува збор за нивните сопствени интереси секогаш се интелегентни и итри и го добиваат тоа што го наумиле.
И, кога ова е веќе познато, интересно е што Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“ од неодамна, како продукт на Театарска работилница – Прилеп, благодарение на драматургот Дарио Харјачек од Хрватска и режисерот Игор Трпче, го започнаа својот самосвоен живот во градот под Маркови кули.
Говорејќи за проектот Игор Трпче вели дека текстот нуди еден светски проблем. Дека станува збор за група на бегалци – „еден Евреин, еден Англичанец, еден Италијанец, Македонец и Германец, кои се собрале во Њујорк и основале група за борба против севкупниот светски криминал.
„Најмногу во претставата се застапени социјалните и политичките случувања кои навистина се на светско ниво, а и многу актуелни во моментов кај нас. И во поглед на бегалците и во поглед на социјалниот и политичкиот живот. Тоа беше мотивот за поставување на претставата, а не само да се исправи Алан Форд или стрипот на сцена“, истакнува актерот и режисер Трпче.
Тој дополнува дека проектот е исполнет со многу хумор, дека тие направиле и една тема која музички го носи дејствието и дека сите заедно потпишуваат богата претстава, каква што првично и не очекувале дека ќе им се случи.
„Нашата желба е да го работиме ова што го работиме. Претставата носи големи пораки, светски пораки и мислам дека тоа преку гледаноста ќе допре до публиката. Тоа е идејата на театарот, инаку ние секако имаме најубави желби и намери“, вели Трпче.
Алан Форд и ТНТ група во епизодата „Тотална измама“ на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп премиерно била одиграна на 23 септември, по што следувале репризните изведби во текот на октомври за да сега бидат подреани надежите дека проектот е убаво не само да биде прикажан во поголемите градови од земјава, туку и на некои од меѓународните театарски фестивали, како на пример „Сараевска зима“, на кој веќе во меѓувреме е и конкурирано и сега се чека одговорот од организаторите на манифестацијата.
„Важно е дека претставата од изведба во изведба расте и дека ликовите почнуваат да добиваат на самоувереност и однос. Голем дел од групата се аматери, натуршчици кои воопшто досега не застанале на сцена а тука се и дел од актерите на Прилепскиот театар“, потсетува Трпче.
Инаку тој ќе рече дека сценографија за проектот правел скулпторот и педагог Емил Солевски, кој патем во претставата игра дури три лика, дека музиката ја правел Томе Темелковски, кој освен тоа бил и задолжен и за светлото игра и две улоги, дека има аматери коишто играат по три-четири лица…а тука се и неговите колеги – професионалци како Димитар Црцоровски, Димитрина Мицкоска, Димитар Ѓорѓиевски и други.














































